Челзи го отстрани Енцо Фернандес од составот поради интервју

Менаџерот на Челзи, Лијам Росениор, објави дека капитенот Енцо Фернандес нема да игра оваа сабота против Порт Вејл во ФА купот, ниту следната недела против Манчестер сити во Премиер лигата, по одлука на клубот.

Оваа казна доаѓа само неколку дена откако тој призна дека сака да му се приклучи на Реал Мадрид и навести можно заминување од клубот.

„Енцо ја премина границата во однос на нашата култура и она што сакаме да го изградиме тука. Разговарав со него. Тој нема да биде достапен за утрешниот натпревар ниту за натпреварот против Сити следната недела. Имам најголемо почитување кон Енцо, и како личност и како играч. Тој е разочаран затоа што сака да успееме. Што се однесува до одлуката, таа не беше само моја, ниту на спортските директори, ниту на одборот, ниту на играчите. Сите се согласивме со донесената одлука. Вратата не е затворена за Енцо. Ова е санкција. Мораме да го заштитиме клубот“, кажа Росениор.

Аргентинецот Енцо Фернандес ја искористи паузата за репрезентативни натпревари за да зборува за својата иднина.

„Би сакал да живеам во Шпанија. Навистина ми се допаѓа Мадрид, ме потсетува на Буенос Аирес. Би живеел во Мадрид“, рече светскиот шампион.

Но, ова флертување со Реал не е единствена причина што е суспендиран. Тој изрази сомнежи и за својата иднина во клубот со којшто има договор дури до 2032 година.

„Не знам дали ќе останам. Остануваат уште осум натпревари и уште неколку за ФА купот. Исто така, тука е и Светското првенство, а потоа ќе видиме“.

Сето ова го наведе Челзи да ја суспендира својата ѕвезда на два натпревари поради ова бидејќи неговите постапки ги сметаа за прекршување на клупскиот кодекс на однесување.

- Оглас -

Најнови вести