Во Челзи веќе размислуваат за можна промена на тренерската позиција, по елиминацијата од Пари Сен Жермен во осминафиналето на Лигата на шампионите. Досегашниот стратег, Лијам Росениор, не успеа целосно да ги убеди челниците на „Стемфорд Бриџ“ дека е вистинскиот човек кој може да го врати клубот на врвот, па се разгледуваат потенцијални наследници, пренесуваат британските медиуми.
Клубот вчера потврди дека стои зад тренерот и дека негово разрешување не е актуелно во овој момент. Сепак, сè може да се промени до крајот на сезоната, зависно од резултатите на тимот и од тоа дали ќе обезбеди пласман во Лига на шампиони, што е главниот приоритет.
Во меѓувреме, на „Стемфорд Бриџ“ веќе разгледуваат опции за евентуален наследник. Меѓу потенцијалните кандидати се тројца тренери, од кои двајца се поранешни играчи на клубот.
На врвот на листата е Сеск Фабрегас, добро познат на навивачите. Тој одигра 198 натпревари за Челзи во периодот од 2014 до 2019 година, а во моментов го води Комо, каде има договор до јуни 2028 година.
Друг кандидат е Фелипе Луис, поранешен лев бек на Челзи во сезоната 2014/15. Во моментов е слободен, откако го напушти Фламенго во март.
Исто така, се разгледува и тренер од Премиер лигата кој ќе биде достапен на крајот на сезоната, тоа е Оливер Гласнер. 51-годишниот Австриец веќе најави заминување од Кристал Палас и веројатно би бил заинтересиран за предизвик во клуб од рангот на Челзи.

