Енцо Мареска сериозно го засилува Челзи на сите позиции, а една од неговите големи желби за летниот преоден рок е Фермин Лопез.
Фудбалерот од средниот ред на Барселона имаше извонредна сезона и покрај тоа што најчесто настапуваше во ротација. Сезоната ја заврши со 46 одиграни натпревари, осум постигнати голови и десет асистенции, што го стави во радарот на неколку врвни клубови низ Европа.
Челзи испратил официјална понуда вредна 75 милиони евра за Фермин Лопез, но Барселона веднаш ја одбила. Дури и кога премиерлигашот го понудил Кристофер Нкунку, плус дополнителна сума, одговорот од „Камп Ноу“ повторно бил негативен.
Тренерот Ханси Флик јасно ставил до знаење дека Фермин е важен дел од неговите планови, и клубот нема намера да го продаде, освен ако самиот играч не побара трансфер. Но, 21-годишниот играч нема таква желба – напротив, порача дека неговиот сон е да остави длабок белег во Барса и да остане колку што клубот ќе го сака.
Иако Барселона има финансиски проблеми и потреба од свеж капитал, очекува да ги обезбеди средствата преку продажба на други фудбалери. На излезна врата се Ансу Фати, Андреас Кристенсен и можеби Жерар Мартин, за кого се интересира Вулверхемптон.