Челзи ѝ ги плаќа платите на Рода, кус остана само фудбалерот за кого се наменети парите

Челзи ја одржува во живот холандската Рода, а случајот во кој е инволвиран Ике Угбо, позајмениот играч од англискиот прволигаш во редовите на холандскиот второлигаш, е уникатен.

Челзи има обврска да уплаќа 43 илјади евра месечно на сметката на Рода како плата за Угбо, но месецов само тој не зеде плата во Керкраде, а сите останати играчи на холандскиот второлигаш се исплатени од парите што ги испрати клубот од Лондон.

Рода е во криза, откако станува сè појасно дека новиот сопственик, Мексиканецот Маурисио Гарсија де ла Вега нема пари, па судбината на познатиот холандски клуб е неизвесна.

Банкарската гаранција од 910 илјади евра што мора да биде доставена до Холандската федерација за да може Рода да се натпреварува во Втората лига не е потврдена, па сега платите на играчите се исплатени од парите што Челзи ги испраќа за Угбо.

И што е најинтересно, тие се многу помали од месечните примања на 21-годишниот напаѓач, кој игра за Рода како позајмен фудбалер од Челзи.

Рода се обврза при договорот меѓу двата клуба дека ќе дополнува уште пет илјади евра на тие 43 илјади што Челзи му ги плаќа на Угбо.

Но, поради неизвесната ситуација со Де ла Вега, сега парите од Лондон се искористени за исплата на играчите на Рода, а плата нема само за тој за кого се наменети, за Ике Угбо.

Мексиканецот е на пат да си ги пакува куферите откако навивачите го избркаа во петокот од стадионот во Керкраде, па неизвесен станува и договорот меѓу Челзи и Рода за Угбо.

Според информациите на холандските медиуми, на сметката на холандскиот второлигаш има 150 илјади евра, што сопственикот на клубот од Мексико ги позајмил од Германија, но не ги пријавил, па стравувањата се дека тоа е кредит земен под непознати услови и со кој Рода може уште повеќе да заглави. Парите се веднаш блокирани и не смеат да се користат, па испаѓа дека Челзи го гаси оганот што гори во редовите на познатиот холандски клуб.

 

- Оглас -

Најнови вести