Челзи и Ливерпул си немаат дадено гол во последните 465 минути!

Челзи и Ливерпул имаа уште еден разочарувачки меѓусебен дуел откако на „Стемфорд бриџ“ одиграа 0:0. Овој резултат веќе станува нешто стандардно кога играат овие два клуба затоа што на четврти меч по ред меѓу овие два тима нема погодоци.

Ако се знае дека две од овие четири средби беа во Лига купот и ФА купот, кога играа по 120 минути, вкупно поминаа 465 минути од последниот гол кој е виден кога играат Челзи и Ливерпул, што е неверојатен пост. Последниот гол на дуелите на овие два тима е виден кога играа на 2 јануари минатата година, а дуелот заврши 2:2, а сите четири погодоци беа дадени во првото полувреме.

Челзи вечерва успеа двапати да ја затресе мрежата на гостите, но двата погодоци беа поништени. Во првиот дел, голот на Џејмс не важеше поради офсајд-позиција, додека Кај Хаверц во 50-тата минута даде гол, но откако играше со рака.

Ова реми не им одговара на двата тима, кои се борат да се доближат до позициите кои водат излез во Европа. Ливерпул има 43 бода и е на осмото место, додека Челзи досега освои само 39 бода и е на 11-тото место на табелата во Премиер лигата.

Во останатите денешни дуели во Премиер лигата: Борнмут – Брајтон 0:2, Лидс – Нотингам 2:1 и Лестер – Астон вила 1:2.

- Оглас -

Најнови вести