Реал Мадрид веќе ја крои стратегијата за летниот преоден рок, а приоритет број еден е засилување во средниот ред. На врвот на листата желби се наоѓа играчот на Челзи, Енцо Фернандес, за кого Кралскиот клуб е подготвен да започне сериозни преговори, па дури и да размислува за спектакуларна размена.
Аргентинскиот репрезентативец се смета за идеален профил на фудбалер кој му недостасува на Реал, поради што раководството планира офанзива веднаш по крајот на сезоната. Сепак, трансферот нема да биде нималку евтин, Челзи ја поставил цената на најмалку 130 милиони евра.
Лондонскиот клуб, според шпанските медиуми, е подготвен да прифати и алтернативна опција, размена во која би бил вклучен Винисиус јуниор. Бразилската ѕвезда на Реал сè уште нема постигнато договор за продолжување на соработката, што дополнително ја отвора вратата за ваков сензационален потег.
„Енцо Фернандес е апсолутен приоритет за Реал Мадрид, а Челзи би се согласил на размена со Винисиус доколку Бразилецот не го продолжи договорот“, пренесува „Дефенса сентрал“, наведувајќи дека вредноста на двајцата фудбалери е речиси идентична, меѓу 120 и 130 милиони евра.
Можното сценарио веќе се опишува како еден од најголемите трансфери во европскиот фудбал и Премиер лигата.
Енцо Фернандес пристигна во Челзи во 2023 година од Бенфика за рекордни 120 милиони евра и брзо се наметна како клучен играч, со 148 настапи, 25 гола и 27 асистенции. Винисиус, пак, зад себе има 353 меча за Реал Мадрид, со учинок од 113 погодоци и 94 асистенции, и веќе повеќе од седум години е една од најголемите ѕвезди на „Бернабеу“.

