Франк Лампард отпиша тројца леви бекови, кои најверојатно ќе си заминат од Челзи во зимскиот преоден рок, а со нив на прагот на разделба со премиерлигашот од Лондон се и голманот Кепа Аризабалага и стоперот Антонио Ридигер.
Триото леви бекови што веќе е прецртано во нотесот на Лампард се Емерсон Палмиери, Маркос Алонсо и Баба Рахман.
Емерсон најави дека сака да се врати во Италија, а иако има договор со Челзи уште на 18 месеци, Лампард го отпиша од тимот и нема ништо против заминувањето на италијанскиот репрезентативец.
Маркос Алонсо е член на Челзи од 2016 година, беше стандарден на позицијата лев бек долг период, но сега не е во преден план. Со пристигнувањето на Бен Чилвел летоска, Шпанецот е се подалеку од првиот тим, па има опција тој да биде позајмен во некој друг клуб.
Баба Рахман не се наметна и од 2015 година кога пристигна во Челзи од германски Аугсбург одигра само 15 натпревари за лондонскиот клуб. Често е на позајмици, моментно му е соиграч на Александар Трајковски во Мајорка, а Лампард сака конечно да го реши проблемот и Рахман да си замине од Челзи.
Кепа Аризабалага е најскапиот голман на светот, за него Челзи плати неверојатни 80 милиони евра, а испадна и најголемата утка на челниците на клубот. Можно е да замине на позајмица, веројатно назад во Шпанија.
Последниот на списокот со вишок на фудбалери во Челзи ќе биде германскиот репрезентативец Ридигер. Тој се уште не се откажува од битката за да биде стандарден во првата постава на Челзи, но се поретко игра. Се споменува дека Пари Сен Жермен е заинтересиран, потоа и Интер, а одбиена беше понудата од Жозе Мурињо и Тотенхем,со цел да не се засили градскиот ривал од Лондон.