Челзи ќе го задржи капитенот Рис Џејмс до 2032 година

Капитенот на Челзи, Рис Џејмс, потпиша нов долгорочен договор со клубот, со кој ќе остане на „Стемфорд бриџ“ до 2032 година. Станува збор за шестгодишна соработка, со што лондонскиот клуб дополнително ја потврди довербата во својот стандарден десен бек.

Џејмс, кој има 26 години, е производ на младинската школа на Челзи и дебитираше за првиот тим во септември 2019 година. Оттогаш прерасна во еден од најважните играчи во составот и лидер на тимот.

Англискиот репрезентативец воедно е и најплатениот фудбалер во клубот, со неделна плата од околу 250.000 фунти. Неговиот претходен договор важеше до 2028 година, но продолжувањето на соработката беше меѓу приоритетите на раководството. Токму тој договор беше потпишан во 2022 година, кратко по преземањето на клубот од страна на сопственикот Тод Боели.

Во актуелната сезона Џејмс одигра 26 натпревари во Премиер лигата, од кои на 19 започна во стартниот состав, а вкупно има 225 настапи во дресот на Сините од Лондон. Со Челзи досега освои неколку значајни трофеи, Лигата на шампионите во 2021 година, Суперкупот на УЕФА истата година, како и Лигата на конференции и Светското клупско првенство во 2025 година. Пред три години ја доби и капитенската лента на тимот.

- Оглас -

Најнови вести