Милан и Џанлуиџи Донарума и натаму не можат да најдат заеднички јазик околу продолжување на соработката, а како што стојат работите, првиот голман на Италија ќе биде слободен играч по крајот на сезоната.
Управата на Росонерите не сака да ги исполни условите кои ги постави агентот на италијанскиот голман, Мино Рајола, а тоа е шанса за останатите европски гиганти да дојдат на ред за преговори.
Наводно, Челзи му нуди основна годишна плата од 10,5 милиони евра на Донарума, односно истата би била многу повисока со одредени бонуси. Останува да се види дали Рајола ќе реагира на оваа понуда, или пак до јуни ќе ги остави сите опции отворени и ќе чека повик од ПСЖ, како втор најзаинтересиран гигант за услугите на еден од најдобрите млади чувари на мрежата во светот.
Сините на почетокот од оваа сезона најдоа одлична алтернатива во Едуар Менди, кој ја сочува својата мрежа во 12 од вкупно 22 одиграни меча во Премиер лигата, меѓутоа новиот менаџер Тухел посакува голман од светски ранг.
Иако има само 22 години, Донарума веќе забележа повеќе од 200 лигашки настапи за седумкраниот европски првак, што е рекорд во Италија, со оглед на тоа дека сениорското деби за Милан го запиша како тинејџер на 16 години.