Челзи е клубот кој во последните неколку години има хаотична трансфер-политика. Лондонскиот клуб потроши повеќе од една милијарда евра за доведување нови играчи, а резултатите се далеку од очекуваните. Минатата сезона Челзи заврши дури на 12-тото место во Премиер лигата, што е нивен најлош пласман во последните десетина години.
Тренерот Маурисио Покетино до синоќа требаше да го комплетира составот од 25-мина пријавени фудбалери за настап, а неверојатно делува фактот дека немаше место за играч кој неделно заработува по 120.000 евра.
Се работи за стоперот Маланга Сар. Тоа е 24-годишниот Французин, кој во летото 2020 година потпиша за Челзи, и тоа за трансфер од 16 милиони евра од тимот на Ница. Се очекуваше Сар да биде столб во одбраната на Челзи, но не само што тоа не се случи, туку сега и официјално е „отпишан“ од клубот.
Will Never understand this transfer and Chelseas plan for Sarr #ChelseaFC #Malangsarr pic.twitter.com/fvLWBCIyjG
— Mudryk15 (@Mudryk15CFC) September 13, 2023
Покетино синоќа го одбра составот од 25-мина фудбалери за настап во Премиер лигата, а меѓу играчите го нема Сар, што значи дека тој сигурно нема да игра до крајот на оваа календарска година. Дефанзивецот кој е „отпишан“ има договор со Челзи до 2025 година, па со седење на трибини ќе заработува по 120.000 евра неделно во клубот.
За тоа колку е хаотично во Челзи, се потврди и кога Покетино на еден од пресовите беше зачуден кога доби новинарско прашање поврзано со Сар. Покетино воопшто не ни знаеше дека има играч со такво име во неговиот ростер, а сега и го изостави од списокот иако клубот ќе одвојува значителна сума за плата на овој фудбалер.