Челзи сезонава најголемата шанса за освојување на трофеј ја има во Конференциската лига на УЕФА, каде што е во улога на прв фаворит. Кога се работи за мечевите во домашното првенство, Челзи освои 43 бода од 26 натпревари и е на седмото место, кое воопшто не обезбедува излез во Европа.
Со 36 примени гола, Челзи ја има една од најслабите одбрани од екипите кои се во првите 10 места во Премиер лигата. Токму затоа сè погласни се најавите дека лондонскиот тим може да доведе нов голман. Шпекулациите се дека некогашниот голман на Арсенал, Арон Рамсдејл, може да дојде на „Стемфорд бриџ“.
Рамсдејл сезонава брани во тимот на Саутхемптон, кој освои само девет бода во 26 меча и е „закован“ на дното на табелата во Премиер лигата. Јасно е дека Саутхемптон ќе испадне од елитното друштво на крајот од сезоната, а Рамсдејл може да остане во Премиер лигата, но да го смени клубот.
Малку е чудно што Рамсдејл се споменува како нов голман на Челзи затоа што тој сезонава бранеше на 18 дуели во англиското првенство, а прими дури 41 гол. Во тие 18 средби, само на две Рамсдејл успеа да ја сочува својата мрежа незатресена. Статистички гледано, Рамсдејл во просек на еден меч прима по 2,3 гола.
Секако дека не е само негова вина тоа што Саутхемптон е толку лош во дефанзивата туку на целата одбранбена линија. Лошата форма и очајниот просек на примени голови не се најлошата работа за Рамсдејл кога се работи за евентуален трансфер во Челзи.
Во април 2022 година, додека бранеше за Арсенал, Рамсдејл ги провоцираше фановите на Челзи кога Сака даде гол за Топчиите. Овој 26-годишен голман целата кариера ја поминува во Англија. Има и пет натпревари во дресот на Англија.
Ramsdale waving at Chelsea fans after Saka’s goal 😂😂 #afc pic.twitter.com/TtOrR4UYzO
— Arsenal Harmony ⚡ (@ArsenalHarmoni) April 20, 2022