Во таборот на Челзи летово ќе биде вистинска гужва, од позајмица треба да се вратат дури 41 фудбалери кои изминативе години носеа дресови на други клубови низ Европа. Но, еден од нив нема да чека повторно клубот од Лондон да одлучува за неговата иднина. Имено, хрватскиот играч за врска Марио Пасалиќ ќе потпише перманентен договор со Аталанта, а калчолигашот ќе исплати 15 милиони евра за неговите услуги.
Таа сума всушност беше договорена при реализирањето на привремената преселба, а екипата од „Бергамо“ одлучи да ја активира клаузулата. Пасалиќ има клучна улога кај тренерот Гасперини, а со неговиот учинок од 7 погодоци и исто толку асистенции во вкупно 38 настапи оваа сезона, тој ја оправда довербата кај челениците на калчолигашот.
Пасалиќ воедно ќе стави крај на петгодишниот „кошмар“. Откако во 2014 година се пресели на „Стемфорд бриџ“ од редовите на Хајдук, Хрватот не запиша ниту еден официјален настап за Челзи, додека четири години во низа оденше на позајмици во Елче, Монако, Милан и Спартак Москва, пред да се одлучи дека Аталанта е вистинската средина за него.
Аталанта има шанса да обезбеди пласман во квалификациите за Лигата на шампиони за следната сезона, ако до крајот на шампионатот во Серија А го задржат четвртото место на табелата.