Тами Абрахам блеска на стартот од новата сезона и со голови и одлични настапи го предизвика раководството на Челзи да му понуди нов договор.
Сините од „Стемфорд бриџ“ беа подготвени за продолжување на соработката со одличниот шпиц, кој има 21 година, а двата гола и супернастапот на Тами против Норвич само ги забрза работите.
Понудата е Абрахам да има двојно поголема плата, односно 100 илјади фунти неделно, наместо сегашните 50 илјади, а со тоа конечно и ќе заврши серијата позајмици на младиот англиски репрезентативец.
Беше на позајмица во Бристол сити, Свонси и во Астон вила, а лани за клубот од Бирмингам постигна 25 гола на 37 натпревари и беше главниот адут на седумкратниот англиски првак во камбекот во Премиер лигата.
Пред да замине на позајмица во Свонси во 2017 година, Тами потпиша петгодишен договор со Челзи, клуб што сега сака да го задржи уште подолго во своите редови.