Челзи покажа зошто е европски првак, Јувентус ќе мора да победи дома во реваншот

Актуелниот европски првак Челзи со 2:0 го победи Лил на „Стемфорд бриџ“ во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампиони. Со оваа предност од два гола, Челзи си обезбеди помирен реванш, за разлика од Јувентус кој на гости одигра нерешено 1:1 против Вилјареал.

Каи Хаверц со погодок во осмата минута го најави триумфот на Челзи во Лондон. По еден корнер, Германецот најдобро се снајде и ја затресе мрежата на гостите. Ова е четврти погодок од корнер за Челзи во Лигата на шампионите, нешто што не му успеало ниту на еден друг тим во елитното натпреварување сезонава.

Предноста на домаќините беше удвоена во 63-тата минута, кога Кристијан Пулишиќ биеше прецизно на додавање на Н’голо Канте. Статистички, Лил беше достоен ривал, но Французите на реваншот пред своите навивачи ќе имаат тешка задача да надополнат заостанување од два погодоци.

На дуелот во Шпанија, Вилјареал и Јувентус ремизираа 1:1 во меч кој го одбележа Душан Влаховиќ. Србинот погоди само по 32 минути од почетокот на средбата, и тоа во неговото деби во меч од Лигата на шампионите.

Влаховиќ со тој погодок се најде на второто место на вечната листа на најбрзи стрелци на дебитантски погодоци. Предноста на Јувентус беше до 66-тата минута, кога Дани Парехо искористи едно невнимание на гостинските стопери и успеа да израмни на 1:1.

Реваншот ќе се игра во Торино, а голот постигнат на гости не носи никаква предност, така што Јувентус на свој терен ќе мора да брка победа затоа што резултат 0:0, кој до лани би им носел поминување во следната фаза, сега нема да им биде многу од корист.

- Оглас -

Најнови вести