Една од најголемите ѕвезди на Челзи, Кол Палмер, е подготвен да се врати на теренот за големото дерби против Арсенал. Веста ја потврди менаџерот Енцо Мареска.
Пред една недела, италијанскиот стратег објави дека Палмер имал повреда на прстот на левата нога при домашен инцидент и ќе го пропушти следниот период, што значеше дека нема да игра против Барнли, Барселона и Арсенал.
Англискиот репрезентативец, сепак, продолжи со тренинзите пред натпреварот со каталонците и сега е подготвен да се врати на теренот откако последниот меч го играше против Манчестер јунајтед на 20 септември.
„Тој е на располагање и подготвен е да започне. Сите сме многу среќни, но најважно е дека и Кол е среќен, бидејќи секој фудбалер сака да игра и да тренира секој ден. Тој е еден од нашите најдобри играчи, и многу ни е драго што се врати. Сега треба да му дадеме време да биде 100% подготвен. Пред повредата играше фантастично и сигурен сум дека ќе продолжи така и во иднина“, изјави Мареска.
Во однос на лондонското дерби со Арсенал, Мареска со пфални зборови се изрази за противникот.
„Тие се фантастични во одбраната. Секој тим се мачи не само да им даде гол, туку дури и да создаде сериозни шанси пред нивниот гол. Затоа е и толку тешко да се победи лидерот во Премиер лигата“, истакна менаџерот на Челзи.

