Актуелниот европски првак Челзи е пред голема неизвесност. Лондонскиот тим добива санкции поради фактот дека роман Абрамович сè уште е газда на клубот. Се шпекулираше дека Челзи дури може да биде исфрлен и од Лигата на шампионите, но засега нема ништо од една таква непопуларна мерка, па лондончани вечерва ќе играат на гости кај Лил, во реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите.
Додека очекуваат пласман во четвртфиналето од ЛШ, од Челзи поднесоа едно чудно барање. В сабота тимот на својот „Стемфорд бриџ“ ќе игра против Мидлсборо во четвртфиналето од ФА купот, а барањето е дуелот да се одигра пред празни трибини, и тоа поради „спортски интегритет“.
Британската влада воведе драстични санкции за клубот кој останува да е дел од сите натпреварувања.
„За натпреварувањето е важно дуелот против Мидлсборо да се одигра. Сепак, ние сме принудени да бараме од одборот на ФА овој дуел да се одигра без присуство на публика поради спортскиот интегритет“, е пораката испратена од Челзи.
Одлуката беше овој меч да се одигра со ограничен број гледачи, а сега останува да се види дали в сабота воопшто ќе има публика на „Стемфорд бриџ“.