Челзи отвори преговори со Баер Леверкузен околу обесштетувањето кое Сините од Лондон ќе треба да им го платат на Фармацевтите за младиот напаѓач Кај Хаверц. Челзи веќе ги договори личните услови со Хаверц, па останува уште да ја утврдат цената за која тој би направил трансфер и би му станал клупски колега на сонародникот Тимо Вернер кој истотака летово од Бундеслигата се сели во Челзи.
Во Челзи се многу активни во преодниот рок, го купија и Хаким Зијеш од Ајакс, а имаат желба да го ангажираат и Јан Облак, но тоа е тешка мисија и Словенецот барем уште една сезона ќе остане во Атлетико. Шпекулациите се дека Челзи за Хаверц ќе треба да плати 80 милиони евра, иако Баер ќе се ценка и ќе бара 100.
Дека има реални шанси Хаверц да се пресели во Челзи, потврди и еден негов потег на социјалните мрежи. Тој му лајкна слика на Тимо Вернер од аеродром кога стигна во Лондон. Ова се толкува дека Хаверц сака да игра со Вернер во Лондон.
Договорот на Хаверц би требало да биде петгодишен, до јуни 2025. Тој има договор со Баер до 2022 година, но желбата му е да игра во Лигата на шампионите, а Челзи му ја нуди таа поволност.