Челниците на англискиот премиерлигаш Челзи беа големи оптимисти пред гостувањето во Мадрид кај Реал, но на крајот загубија со 2:0 во првиот меч од четвртфиналето од Лигата на шампионите. Оптимизмот кај англискиот тим се базираше на потрошените пари за нови играчи сезонава.
Челзи во последните два преодни рока потроши неверојатни 611 милиони евра за нови играчи, но дека тоа не е гаранција за успех, се покажува на теренот. На „Сантијаго Бернабеу“ фудбалерите на Челзи упатија осум шута кон голот на Тибо Куртоа, но ниту еден не заврши во мрежата.
Со тоа што не успеаја да погодат против Реал Мадрид, Челзи продолжи една лоша низа дури од четири средби на кои не успеваат да се израдуваат на гол. Последен пат Челзи нанижал четири дуели по ред без постигнат гол во 1993 година, што значи дека ова е нивниот најлош биланс во последните 30 години.