Досега е невозможна мисија – Челзи во поход што ниту еден тим не го преточил во сензација

Ниту еден тим во историјата на Лигата на шампионите не успеал да анулира негатива од 0:3 на домашен терен по првиот одигран меч во нокаут фаза, а токму во таква улога ќе биде Челзи, вечерва од 21 часот во Минхен против Баерн.

Баварците го прегазија англискиот тим на „Стемфорд Бриџ“ со головите на Гнабри два и на Левандовски. И имаат недостижна позитива за пласман во четвртфинале, што ниту една екипа досега не успеала да ја урне и да приреди сензационален пресврт за пласман понатаму.

Во последно време имаше големи пресврти и елиминации на неколку екипи што допатуваа на реванш со предност од 3 гола, но никогаш по пораз на домашен терен.

Барселона е најголемиот страдалник во последните две сезони, откако не успеа да одбрани предност од 3:0 и од 4:1 на гостувањата кај Ливерпул, односно во Рим против Рома.

Каталонците најпрво во полуфиналето од ланското издание допатуваа на „Енфилд Роуд“ со предност од 3:0 и успеаја да загубат со 4:0 од Ливерпул во полуфиналето во Лигата на шампионите. Потоа Црвените од „Енфилд Роуд“ ја освоија и шампионската круна.

Една година подоцна повторно Барса се коцкаше и загуби, иако во Рим дојде со навидум недостижни 4:1. Рома славеше со 3:0 и благодарение на голот на „Камп Ноу“ се пласираше во полуфиналето.

Пред да настрада во тие две сезони, Барселона беше тимот што приреди спектакуларен кам-бек и ја анулира негативата од 0:4 од Париз, против Пари Сен Жермен. Во првата нокаут рунда од ЛШ, Каталонците дома славеа со 6:1 и во незаборавен двомеч во сезоната 2016/17 го елиминираа францискиот првак со вкупен резултат од 6:5.

Тоа е и единствениот таков подвиг во ЛШ, да се анулира негатива од 4 гола, но ниту еднаш не се случило тоа што го посакува Челзи, да се надомести минус од три погодоци на гостински терен, што е целта на невозможната мисија на англискиот клуб, вечерва во Минхен од 21 часот.

Можни состави:

Баерн (4-2-3-1) Нојер – Кимих, Боатенг, Алаба, Дејвис – Алкантара, Горецка – Гнабри, Милер, Кутињо – Левандовски.

Челзи (3-4-1-2) Кабалјеро – Кристенсен, Зума, Ридигер – Џејмс, Ковачиќ, Баркли, Емерсон – Маунт – Хадсон-Одои, Жиру. 

 

- Оглас -

Најнови вести