Прославениот хрватски ракометен тренер Лино Червар во интервју за „Мондо.рс“, даде опширно свое видување за тоа што се случува во светскиот ракомет во моментов, но и за тоа зошто репрезентациите на земјите од поранешна Југославија веќе не се во трка за висок пласман на големи натпреварувања.
„Каква е ракометната иднина на овие простори? Според мене, таа треба да се темели на доверба во нашите деца, нашите тренери. Тоа е најважната порака за сите ракометни федерации од поранешна Југославија. Секоја друга идеја не може да биде стратегија за развој во сите колективни спортови на овие простори. Не мислам само на ракометот, туку и на фудбалот, одбојката, кошарката и ватерполото. Најголема причина за состојбата во источна Европа, па и кај нас е тоа што е напуштена развојната програма за млади играчи. Се прифати наметнатиот натпреварувачки систем кој во прв план ги става клупските резултати, но не е и како промотер за квалитетен развој од кој корист ќе има репрезентацијата. Се работи само за клупски успех по секоја цена“, вели Червар.
ИСТРОШЕНИ СТРАНСКИ РАКОМЕТАРИ КОИ НЕ ГО ПОДИГНУВААТ КВАЛИТЕТОТ НА ЕКИПИТЕ
Според искусниот стратег, погрешна е стратегијата да се создаваат вештачки силни екипи со носење странски играчи. Тоа дополнително дава лош ефект за националните тимови.
„Од странство доаѓаат најчесто истрошени ракометари, кои не го подигнуваат квалитетот на екипите. Така вештачко создадени екипи ѝ прават лоша услуга на репрезентацијата. Во државите се трошат пари од јавен интерес, и тоа во лоша стратегија која не носи резултати. Да не зборуваме за дефицит на ракометна инфраструктура“, додава Червар, кој осум години работеше како тренер на Металург и под негово водство тимот од Автокоманда ги имаше најголемите успеси.
Токму Червар го создаде силниот Металург, во чии редови играше речиси комплетната тогашна македонска репрезентација. Во тој период Македонија ги имаше и најголемите успеси на ракометен план, па во 2012 година нашата репрезентација стигна до петтото место на Европското првенство во Србија.
СКАНДИНАВЦИТЕ СИ НАПРАВИЈА ПРАВИЛА КОИ НИВ ИМ ОДГОВАРААТ
Што се однесува до глобалниот ракомет, Червар вели дека овој спорт веќе не е мисловен, тактички, туку се базира на сила и атлетски способности.
„Автори на новите правила во ракометот беа Скандинавците со некои од соработниците. Очигледно е дека напишаа правила по своја мерка. Правила кои ним најмногу им одговараат. Мислам дека ракометните федерации од регионот требаше да реагираат, да оспорат дел од правилата, да дадат замерки. За жал, тоа не се случи. Што е главна промена? Судиите по лична проценка може да одлучат колку еден тим ќе го има поседот на топката. Во просек еден напад трае 15-тина секунди, а потоа арбитрите ја подигнуваат раката за пасивен напад, па останува да има само уште четири додавања. Околу 20 секунди трае нападот, што е помалку од еден напад во кошарката (24 секунди). На играчите значително им е намалено времето за добро смислен и организиран напад. Како последица на тоа, се фаворизира индивидуалната игра. Често има шутеви од неизградени позиции, а потоа следува транзиција со брз центар. Според новите правила, ракометот веќе не е мисловна игра. Тоа стана игра на наттрчување“ објаснува Червар, кој има и македонско државјанство, а беше на чело на нашата репрезентација во 2016 и 2017 година.