Чешка на полувреме водеше со 23 разлика, но дури на 20 секунди до крајот беше сигурна дека ќе победи

Чешка ја победи Холандија со 88:80 во меч на кој домаќините во Прага сами можеа да ја закомплицираат работата. Чесите одлично започнаа и брзо стигнаа до довцифрена предност од 11 поени (21:10), а со добрата игра продолжија и во втората четвртина, па на полувреме резултатот беше 50:27.

Холанѓаните тргнаа добро во третата четвртина, која ја добија со 30:16 и најавија дека нема лесно да се предадат. Лалињата ја намалуваа разликата на противникот и на 30 секунди до крајот стигнаа само до три разлика (78:81), а потоа Петерка даде тројка и ги реши сите дилеми околу победникот. За Чешка ова е прва победа на ЕП, додека Холандија е последна со три порази во три средби.

Грција немаше многу проблеми против Велика Британија и продолжи со победите. Грците овојпат славеа со 93:75 и се вратија на првото место во групата. Британците со три порази веќе може да се „пакуваат“ затоа што се речиси без шанси за влез во следната фаза.

Грците на овој меч беа без Јанис Адетокумбо, кој преседа на клупата за резерви, но тука беше Костас Слукас, кој беше речиси безгрешен. Слукас постигна 21 поен погодувајќи пет од шест за тројка и три од четири шута за два поени. Покрај Слукас, одличен беше и Папајанис, кој заврши со 17 поени.

Во денешните одиграни мечеви, Полска го победи Израел со 85:76, а Хрватска се намачи, но славеше над Естонија со 73:70.

- Оглас -

Најнови вести