Чешка синоќа во Прага ја победи Украина со 3-2, но домашните фудбалери беа разочарани не од резултатот, туку од навивачите на нивниот национален тим и организацијата на натпреварот.
На стадионот во Прага имало речиси еднаков број украински и чешки навивачи, а чешките играчи добиле впечаток како да играат на гости.
„Среќни сме поради победата, но има и друг аспект. Знаевме дека може да има Украинци на стадионот, но тоа што се случи беше непријатно за нас. Жално е што беше како натпревар на гостински терен. Мислам дека чешкиот фудбал е во подем и многу е разочарувачки да се гледаат вакви работи. Ни требаат нашите навивачи“, изјави Томаш Соучек.
Вацлав Черни искоментира дека ова не смеело да се дозволи.
„Не можете така да ги продавате билетите. Тогаш би било подобро да играме на празен стадион“, изјави чешкиот репрезентативец.