Четири нелогичности во мистериозното исчезнување на авионот

Четири дена нема ни трага ни глас од аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала и пилотот кој го управувал авионот Пајпер Малибу во понеделникот вечерта. Синоќа беше прогласено дека потрагата по исчезнатиот авион е завршена, но дека истрагата останува отворена.

„Донесовме тешка одлука. И покрај многуте напори и пребараното подрачје и прегледаните сателитски снимки, не можевме да најдеме ниту една трага“, стои во соопштението на полицијата.

Неверојатно е како при таква технологија не може да се пронајде авионот по повеќе од три дена детално пребарување. Во овој случај на исчезнатиот авион постојат и многу нелогичности, а четири посебно се издвојуваат:

ОВОЈ АВИОН НЕ Е ПРЕДВИДЕН ЗА ТАКОВ ЛЕТ

Авионот Пајпер Малибу ПА-46 е мал авион и не е предвиден за ноќни летови. Овој авион нема црни кутии, па дури и да се најдат остатоците од авионот, нема да се знае точната причина за падот. Од фудбалскиот клуб на Кардиф му понудиле на Сала да му организираат комерцијален лет, но Аргентинецот одбил таква варијанта на патување. Иако не требало да лета ноќе, Сала решил вечерта да си замине од Нант.

ИМАЛО ЗАМЕНА НА ПИЛОТОТ

Авионот го управувал Дејв Иботсон. Чудно е тоа што на царинската контрола во Нант поминал пилотот Дејв Хендерсон, но наместо тој да пилотира, Хендерсон воопшто не се качил во авионот. Засега е нејасно зошто дошло до замена на пилотите.

АВИОНОТ ПОЛЕТАЛ ДУРИ ОД ЧЕТВРТИ ОБИД

Англиските медиуми пишуваат дека авионот успеал да полета дури од четврти обид. Се претпоставува дека лошото време е главната причина што авионот не полетал веднаш, но прашање е зошто пилотот не се откажал и не одлучил летот да биде следното утро. Дел од медиумите шпекулираат дека пилотот дури немал ни дозвола за комерцијални летови.

БАРАЊЕ ЗА ПРОМЕНА НА ВИСИНАТА НА ЛЕТОТ

Авионот бил видлив на радарот сè до околу 13 километри од англискиот брег. Непосредно пред да го снема од радарот, пилотот побарал дозвола да ја намали висината на летот. Побарал од 1.500 метри да се спушти на 700 метри. Нејасно е која е причината за ова барање на пилотот.

Засега останува мистерија што се случило со авионот во кој Сала требаше да пристигне во Кардиф.

- Оглас -

Најнови вести