Шест екипи, од кои дури четири се поранешни прволигаши денес ќе ги играат бараж-натпреварите за пополнување на второлигашката конкуренција. Ждрепката посака поранешните прволигаши да играат помеѓу себе, па така Тетекс и Осогово ќе играат на Борис Трајковски во Маџари (Скопје), а Башкими и Влазрими на Градскиот стадион во Тетово. Двобојот помеѓу поранешните второлигаши, Вардар Неготино и Новаци, ќе се одигра на Градскиот стадион во Кичево.
Најголем фаворит од сите шест екипи, секако дека е второлигашот Тетекс, кој има и најквалитетна и најискусна екипа, а преку одличниот фото-финиш и петте победи во ред во првенството, помеѓу кои и против вечните ривали Пелистер и Вардар, стигна од изгубена позиција, до место во баражот. Нивниот денешен противник, екипата на Осогово беше без конкуренција најдобра во Источниот регион, каде убедливо го освои првото место.
На дуелот во Тетово, како благ фаворит влегува екипата на Башкими од Куманово, шампионот на Северниот регион, кој за противник ќе го има кичевски Влазрими, најдобрата екипа од Западниот регион.
Токму Тетекс и Башкими се поранешни освојувачи на Купот на Македонија со вкупно три трофеи, два за Тетекс и еден за Башкими. Овие екипи во минатото настапуваа и во европските фудбалски купови, каде одиграа вкупно 10 натпревари, Тетекс 6 натпревари, а Башкими 4.
Нема изразит фаворит на последниот бараж натпревар кој се игра во Кичево, а се среќаваат победниците на Јужниот регион, Вардар Неготино, и на Југозападниот регион, Новаци.
Според пропозициите, победниците од денешните натпревари ќе се пласираат во 2. лига за следната сезона, но и поразените ќе имаат можност за такво нешто. ФФМ дополнително ќе организира ждрепка и ќе бидат извлечени две екипи кои како “лаки-лузери“ следната сезона ќе играат во второтлигашката конкуренција. Едното место од ждрепката беше предвидено според Пропозициите уште пред почетокот на сезоната, а за втората екипа преку ждрепката се отвори простор поради откажувањето на екипата на Ренова минатата сезона, па клубот од Џепчиште нема право да игра ниту во 2. лига оваа сезона и ќе мора да започне од нула, односно од Општинска лига.
Сите натпревари започнуваат во 17 часот.
ФОТО: Сухејл Суки Јонузи

