Селта нанижа четири порази по ред во Ла Лига, што доведе до очекувана одлука, да се смени тренерот. Франциско Ескриба доби отказ, а замена за него е Каталонецот Оскар Гарсија Јуниент.
Јуниент е поранешен играч на Барселона, Валенсија и Еспањол, а солидно му оди и во тренерската кариера. Две сезони беше тренер на Ред Бул Салцбург, со кого освои две домашни титули, потоа беше на кормилото на Сент Етјен и Олимпијакос, а работеше и во Ватфорд и му донесе титула на Макаби Тел Авив по 10 години пауза.
Селта е во голема криза, се наоѓа во опасната зона за испаѓање само со 9 бода, а по 12 кола е најнеефикасниот тим во Ла Лига со 6 постигнати погодоци, колку што имаат и претпоследниот Еспањол и фенерџијата Леганес.
Симболиката сакаше Јуниент да дебитира како тренер на Селта на гостувањето против Барселона, клуб во кој ја почна професионалната кариера и мина најдолг период како играч.