Разочарувањето во Манчестер сити е големо по загубеното финале во Лигата на шампионите од Челзи, кое беше прво за Граѓаните во клупската историја. За да се заборави неуспехот што побрзо, управата планира значително да ја засили екипата и повторно да го нападне европскиот пехар, а со шпанскиот ветеран таа мисија делува поостварлива.
Имено, Сити му понуди двегодишен договор на Серхио Рамос, капитенот на Реал Мадрид, кој дефинитивно заминува од клубот откако Перес не му ги исполни условите. Ваква понуда Рамос чекаше од клубот за кој настапува повеќе од 15 години, но не ја доби, па сега му е отворен патот да се проба во Премиер лигата.
Сити воедно му нуди на Рамос преселба во Њујорк сити по завршувањето на двегодишниот договор, МЛС клубот кој е во сопственост нa „Сити фудбал груп“ и емиратските милијардери. Се чини дека и моменталната плата од 360.000 евра неделно ќе ја зема и на „Етихад“, па останува да се види дали шпанскиот ветеран ќе се согласи да го облече светлосиниот дрес.