Четворица од Сити може да бидат фудбалски губитници на годината

Финалето на Европското првенство на неколку фудбалери ќе им ја заокружи успешната година, но некои ако загубат, ќе се запишат во негативните рекорди. Од едната страна се членовите на Челзи, а од другата оние од Манчестер сити.

Челзи е освојувач на Лигата на шампионите за 2021 година, а бидејќи и во англиската и во италијанската репрезентација има фудбалери кои ја освоија ЛШ со Сините од Лондон, тие ќе се пофалат дека во иста година победиле во двете големи европски финалиња. Од Италија, таков подвиг чекаат натурализираните Италијанци Жоржињо и Емерсон, додека од Англија тоа се Маунт, Чилвел и Џејмс.

Досега во историјата, само 12-мина фудбалери може да се пофалат дека во иста година освоиле и Европско првенство и Лига на шампионите. Последни беа Португалците Кристијано Роналдо и Пепе, кои во 2016 година станаа европски прваци и на клупски план со Реал Мадрид и на репрезентативен план.

Но, историјата на европскиот фудбал памети и двајца големи губитници кои во иста календарска година биле поразени и во финале на ЕП и во финале на ЛШ. Тоа се Михаел Балак во 2008 и Антоан Гриезман во 2016 година. Шанса да им се придружат имаат четворицата играчи на Манчестер сити: Вокер, Стоунс, Стерлинг и Фоден.

Ако Англија стане првак, за квартетот од Сити тоа ќе биде добра утеха, особено што годинава освоија титула и во Премиер лигата. Но ако го загубат и ова финале, титулата во Премиер лигата нема да може да ги покрие разочарувањата.

- Оглас -

Најнови вести