Вардар конечно ја оствари првата победа годинава со минималните 1-0 над Беласица во мечот од 29-тото коло во Првата фудбалска лига на Македонија.
Црвено-црните со голот на Крстевски во 31-та минута ја прекинаа лошата серија од 10 натпревари без триумф во кои претрпеа дури седум порази. Токму последниот триумф на Вардар беше против Беласица со убедливи 3-0 на гости, а сега тимот на Џиџи Илиевски дојде до двојна овосезонска победа против струмичкиот состав.
Вардар сега се израмни со Ренова со по 31 бод, но поради полошата гол-разлика останува на претпоследното 11-то место.
Победата од 3-1 на Шкендија против Борец значеше и математичко обезбедување на титулата во домашното првенство. Тетовци по четврти пат го презедоа фудбалскиот трон во Македонија.
Струга ТЛ во драматичен финиш ја надигра екипата на Македонија Ѓорче Петров со конечни 3-2. Со фантастичниот слободен удар на Босанчиќ во 89-тата минута гостите поведоа со 2-1, Лавовите беа на чекор да избегнат пораз кога Алексовски израмни на 2-2 во втората дополнителна минута, нопред последниот судиски свиреж Струга повторно доби пенал кој Алтипамарковски го реализира слично како во 84-тата минута и го постави конечниот резултат.
Пелистер беше подобар од Ренова со минимални 1-0, додека Шкупи беше сигурен со 2-0 против Работнички.