Чезаре+Паоло+Даниел=1.000 лигашки меча на семејството Малдини за Милан

Три генерации фудбалери од семејството Малдини му се верни на клубот Милан, а синоќа со настапот на Даниел Малдини кој влезе во игра на дербито против Јувентус, се заокружи бројка од 1.000 лигашки меча на некој од фамилијата Малдини во дресот на Росонерите.

За Даниел Малдини кој е 19-годишен напаѓач, ова беше шести меч за Милан во Серија А, и тоа е доволно за бројка од 1.000 за која многу повеќе од него придонесоа татко му и дедо му.

Паоло Малдини кој е спортски директор на Милан и татко на Даниел, во периодот од 1984 до 2009 година, одигра 647 натпревари во дресот на Милан.

Прв од семејството Малдини кој заигра за Милан беше сега веќе покојниот Чезаре (почина во 2016 година на 84-годишна возраст), кој од 1954 до 1966 година одигра 347 меча. Чезаре и Паоло беа дефанзивци, а Даниел не тргна по нивните стапки и игра во офанзивниот ред. Даниел има и брат Кристијан кој истотака е фудбалер, но тој не игра за Милан, туку во нисколигашот Про Сесто.

- Оглас -

Најнови вести