Фудбалска Македонија се уште е во шок од смрта на легендарниот Васил Рингов. Од славниот фудбалер се прости и Андон Дончевски, поранешниот тренер на Вардар и селектор на Македонија, со кого соработуваа во „црвено-црниот“ табор.
„Васил Рингов за мене секогаш ќе биде повеќе од големо фудбалско име. Имавме среќа да соработуваме заедно јас како тренер а он како капитен во време кога апсолутно доминиравме низ цела Југославија. Можевме да го гледаме на терен мирен и сигурен, а во исто време решителен и храбар со застрашувачки удар и многу прецизен центаршут. Се сеќавам на денот кога дојде од Тетекс и на првите подготовки во Крушево, додека бевме во Втора лига. Уште тогаш се гледаше дека станува збор за фудбалер од посебен калибар кој ќе го преземи товарот и го вратиме Вардар онаму каде и заслужува да биде. Верував дека тој го постигна еден од најважните голови за Вaрдар – иако чудно, со глава – гол што значеше многу повеќе од резултат. Таквите моменти не се забораваат. Таквите луѓе не се заменуваат. Почивај во мир, Василе. Честа беше да соработуваме, гледаме и да те паметиме.Вечна ти слава.“ – напиша Андон Дончевски.

