Чикаго булс ќе добијат уште еден „бесмртен“ играч во својата историја. Дерик Роуз, поранешниот МВП на НБА лигата, ќе се приклучи на елитната група играчи чии дресови се повлечени од употреба.
Дресот со број „1“, кој го носеше Роуз, ќе биде поставен на кровот на салата на франшизата, заедно со дресовите на Џери Слоун (4), Боб Лав (10), Мајкл Џордан (23) и Скот Пипен (33).
Дерик Роуз остави длабока трага во Чикаго булс, станувајќи најмладиот МВП во историјата на лигата. Сепак, неговата кариера беше нарушена од серија повреди, особено онаа од 2012 година, кога ги повреди предните вкрстени лигаменти на коленото.
Покрај Чикаго булс, Роуз играше и за Њујорк никс, Кливленд кавалирс, Минесота тимбервулфс, Детроит пистонс и за Мемфис гризлис. Во текот на кариерата просечно бележеше 17.4 поени и 5.1 асистенции.