Чилеански тенисер се потсети: „Новак немаше речиси ништо, освен нескршлива верба во себе“

Малкумина се сеќаваат на чилеанскиот тенисер Пол Капдевил, но тој сега повторно е во центарот на вниманието во регионот откако откри досега нераскажана анегдота за Новак Ѓоковиќ. Тој се потсети на времето кога се дружел со Србинот и кога заедно биле во ресторан во Германија, а Ѓоковиќ иако имал само три евра во џеб, го честел ручек од 300 евра.

Анегдотата од еден германски ресторан звучи неверојатно бидејќи во тој момент Новак речиси и да немал ништо – освен нескршлива верба во себе.

„Се сеќавам дека еднаш излеговме да јадеме, а тој имаше само три евра во џебот. Седнавме во ресторан во Германија и ми рече: ‘Пол, јас честам. Знаеш ли дека еден ден ќе бидам број еден во светот? Ќе бидам ѕвезда’“, ја започна приказната Капдевил.

Она што следувало го оставило Чилеанецот во шок.

„Почнавме да нарачуваме. Тој нарача јастог, бифтек… Постојано ме прашуваше: ‘Сакаш ли вино?’. Јас не пијам вино, а тој ми одговори: ‘Разговараш со идниот број еден во светот. Ќе ги урнам сите рекорди’. На крајот сметката беше 300 евра! Го прашав како ќе платиме, а тој само рече: ‘Не грижи се, јас ќе платам’. И навистина плати, иако речиси ништо немаше“, раскажа Капдевил.

Кога го прашал од каде му доаѓа таквата самодоверба и сила, Новак му кажал зборови кои засекогаш му останале во сеќавање и кои ја објаснуваат суштината на неговата доминација.

„Ми рече: ‘Знаеш ли зошто ќе ги срушам сите рекорди и ќе бидам најдобар? Затоа што сум поминал низ работи што ти не си ги поминал. За време на војната морав да погребувам пријатели од училиште. Знам како е да се издигнеш од сиромаштија – вие тоа не сте го искусиле. Тоа ме направи многу силен’. Тие негови зборови никогаш нема да ги заборавам“, откри Чилеанецот.

- Оглас -

Најнови вести