Валенсија претрпе колапс откако продолжи сезоната во Ла Лига и многу веројатно ќе остане и без пласман во Лигата на Европа, иако до полусезоната Лилјаците се бореа за топ 4 местата.
Со само две победи по рестартот на сезоната во шпанското првенство, односно пет порази и две ремија, Валенсија падна на деветтата позиција на табелата со 50 бода. Реал Сосиедад и Атлетик Билбао имаат предност од три, односно еден бод на две кола до крајот на шампионатот.
Тимот од „Месталја“ се подготвува тотален ремонт на екипата, а меѓу првите играчи кои ќе го напуштат клубот се капитенот Дани Парехо, Францис Кокелан и Жофри Кондогбија. Триото играчи за врска се меѓу поискусните и би ја наполниле клупската каса доколку најдат нови ангажмани, со оглед на тоа дека вкупната вредност на фудбалскиот пазар им изнесува околу 70 милиони евра.
Се очекува заминување и на шпанскиот репрезентативец Родриго, како и на Мангала, Диакаби, Гамеиро, Кореија, Силесен и Соријано.