Читадела со хет-трикот на Енрико Балдини запиша убедлив триумф од 3-0 во првото полуфинале против Монца во плејофот во Серија Б.
Тимот чијшто сопственик е Силвио Берлускони, иако беше благ фаворит пред двомечот, речиси да ги загуби шансите за пласман во финалето од разигрувањата, откако Балдини двапати ја тресеше мрежата на Монца до 22-та минута, а потоа во финишот ги постави конечните 3-0.
Не помогна ниту Марио Балотели, кој влезе во завршницата од средбата, па сега Монца на 20 мај во реваншот ќе мора да надополнува голема негатива доколку сака да се најде во мечот во кој се изборува пласман во италијанската елита.
Во меѓувреме започна првиот меч од второто полуфинале меѓу Венеција и Лече, каде што има двајца македонски фудбалери, но Бобан Николов и Леонард Жута моментално се на клупата за резерви кај гостите.