Човекот чиј тим победи во најефикасниот прволигашки меч можеби и во Европа, со необичен хуманитарен тикет

Некогашниот кошаркар, а сега тренер, Игор Гацов, ја прифати поканата да состави хуманитарен тикет во Sport Life, и со јавноста да ја сподели приказната околу првиот кошаркарски прволигашки меч во Македонија на кој имаше три продолженија, и паднаа неверојатни 285 поени, што е рекорд кај нас, и пошироко.

ВО САЛАТА БИЛО СМРЗНУВАЧКА, И СУДИИТЕ „ИЗДИШАЛЕ“ ОД ЗАМОР

„Тоа не се заборава, на 16-ти декември 2006 година, во старата сала Јане Сандански, популарната лименка, игравме со Вардар Осигурување, јас бев тренер на АМАК СП. Од Охрид бевме испратени со барање да гледаме да загубиме со што помала разлика. Вардар беше силен тогаш, таа сезона го освоија купот, мечот беше чудо, немаше крај. Дарко Соколов беше прв стрелец за нас, даде 45 поени, Даниел Милановски даде 30-тина поени, Иван Наумоски играше за нас, сега тој е во ТФТ, тогаш бевме млада екипа, со само еден странец. Тоа е рекорд кој мислам дека на балкански простори за прволигашки меч уште е најефикасен меч“ – вели Гацов.

„И судиите издишаа, за тие мали пари што ги земаа, навистина и тие се измачија, беа и лути, затоа што беше премногу ладно во салата. И судиите едвај чекаа да заврши, а нас ни вриеше крвта, се виде дека мора храбро и решително ако сакаме да победиме. Се спасувавме од пораз со тројки од пола терен во последните секунди, после вардарци како да кренаа раце кога видоа дека имаат работа со инаетчии. Тренер на Вардар беше големиот Марјан Лазовски кој за жал веќе не е меѓу живите, и ми беше престиж што победивме таков тим. Врбица Стефанов беше на трибините, ни честиташе после мечот. Тоа беше голем ветер во грб за клубот за понатамошни резултати“ – се присетува Гацов.

ТРИПАТИ ВНЕСУВАШЕ ТИМОВИ ОД ВТОРА ВО ПРВА ЛИГА, ДВЕ ПОБЕДИ НАД РАБОТНИЧКИ МУ СЕ ОМИЛЕНИ

„Последен ангажман ми беше во Академија ФМП, ги внесов од прва во втора лига, обезбедивме опстанок, а сега сум без ангажман. Имав понуди од Косово, од Кина, тука во Македонија не толку. Сезонава ќе мирувам, но нашата тренерска професија е таква, ние не сме како вработените во администрацијата“.

„Препознатлив сум по тоа што давам шанса на млади играчи во прволигашка конкуренција. Им дадов шанса на браќата Стојановски првпат да играат прволигашка кошарка, и тие ми вратија за довербата. Јас сум познат и по тоа што трипати внесував екипи од втора во прва лига и после ги опстанував во прва лига. Горд сум на постигнатото, поборник сум за млади играчи. Лани со млад тим и деца кои не ги сакаа во другите клубови, со ФМП го изненадивме Работнички. Со Амак СП имав многу победи, бевме трети на табелата вотаа силна конкуренција, а Работнички го имам победено и како тренер на МЗТ, тоа беше прва победа на МЗТ во Градски парк после пет години.

Имав убави моменти, но оние 140-145 не може да се избришат, на сите учесници ни е позитивно сеќавање“ – вели Гацов.

ФАН Е НА БАРСЕЛОНА, ГО ПОЧИТУВА МУРИЊО, ПРЕМИЕРЛИГАТА ЈА СПОРЕДУВА СО НБА

„Барселона ми е во срцето, живеев во Шпанија, бев и на Камп Ноу, мислам дека Барселона е најорганизиран клуб на светот. Има секции во кошарка, ракомет, атлетика, хокеј, женски фудбал, тоа ми се допаѓа.

Јас бев прв кошаркар од Македонија кој заиграл во Шпанија, потоа бев во Шведска и Норвешка. И тогаш имаше обложувалници таму, не до тој степен како сега, но имаше. Во Шпанија првпат почувствував што е спортот, на кое ниво и каква култура е, а во Шведска и Норвешка видов како е да се има стандард и како е на време да се добива плата, хахаха. Шпанците се професионални и тие живеат за спортот, а Скандинавците живеат за точноста, за таа енергија да биде како што треба, дали си победил или загубил не ги интересира. Во Шпанија играв втора лига, но беше силна и во тоа време беше тешко да се отиде од Македонија во шпанска лига, плус клубовите смееја да имаат само до двајца странци. Шпанците го задржаа квалитетот на домашните играчи, создаваат и негуваат домашни ѕвезди и играат европски начин на игра, додека кај нас гледам повеќе има проамериканси стил на игра. Кај нас клубовите се потпираат на странци“ – раскажува Гацов.

Популарниот Гац ги следи и фудбалските случувања.

„Ретко уплаќам во обложувалница, немам навика, а мислам дека имам добро чувство за прогнозирање. Инаку, следам италијанска лига, интересна ми е од времето кога беше најсилна. Најубав фудбал за гледање ми е англискиот, во Премиерлигата се игра најмашки фудбал, како што е НБА во кошарката, така е англиското првенство во фудбалот. Шпанската лига е квалитетна, ама заостанува со атрактивноста. Тотенхем ми е втор тим кој сакам да го гледам, поради Мурињо. За мене Мурињо е најголем шоумен меѓу тренерите. Нема успеси со Тотенхем, но ќе видиме како ќе заврши сезонава“ – заклучува човекот кој си посака хуманитарниот тикет во кој има и мали и големи квоти да биде добитен, па парите да ги донира на вистинско место.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести