Човекот кој е задолжен за одлична атмосфера меѓу одбојкарите и кого сите го препознаваат по неговите мустаќи и прекар состави хуманитарен тикет (Фото)

Ако ракометната репрезентација е „главна“ на почетокот од годината, тогаш летата во последните неколку години се резервирани за машката одбојкарска репрезентација каде еден од најмаркантните одбојкари е Дарко Ангеловски (30), кој сигурно кај македонската јавност е попознат по прекарот – Шаби, како и по карактеристичните мустаќи.

Одбојкарите минатиот викенд ги започнаа настапите во Европската златна лига во која резултатот не е во преден план, и кои ќе претставуваат загревање за главниот настан летово, квалификациите за пласман на ЕП 2026 година.

На првите два меча од Европската златна лига кои се играа во Струмица, подмладената репрезентација на Македонија загуби од Естонија со 1-3 во сетови и од Чешка (0-3).

„Бидејќи репрезентацијата е подмладена за Европската златна лига, и овие резултати кои ги постигнавме досега не се лоши. Чесите се пресилни, но мислам дека на претстојниот турнир ќе биде многу подобро. Играме со Азербејџан и очекувам да победа, па понатаму играме со Белгија која е незгодна. Ние ќе се бориме, сакаме помладите репрезентативци да добијат искуство. На нас квалификациите за ЕП ни се најважни ова лето. Навистина би било убаво да играме на уште едно Европско првенство“, вели Дарко Ангеловски – Шаби.

Токму генерацијата предводена од капитенот Никола Ѓорѓиев ја врати Македонија на одбојкарска мапа на големите натпреварувања и полека палката им ја предава на помладите. Македонија настапи на последните три Европски првенства, во 2019 година, во 2021 и во 2023 година кога и Скопје беше домаќин на група. Згора на тоа, Македонија со години е редовен учесник во Европските златна и сребрена лига.

Популарниот Шаби очекува младите одбојкари да продолжат по стапките на неговата генерација која полека се повлекува од големата сцена.

„ Како што велат постарите – од подобриот треба да има подобар, па така е и со нас. Младите можеби ќе имаат подобри успеси од тие што ги постигнавме ние, но засега го немаат тоа искуство што ние го имаме. Талентирани се и се надевам дека ќе на продолжат традицијата на учества на Европски првенства. Поголем дел од младите играат во странство, интернационалци се и може да имаат подобри резултати од тие што ги остварува нашата генерација“.

ПАТЕШЕСТВИЈАТА СО АВТОБУС, ПРЕКАРОТ „СПАРТАНЦИ“ И ЛУДОРИИТЕ ИМААТ МАТЕРИЈАЛ ЗА НЕКОЛКУ КНИГИ

Вербата во младите одбојкари е толку голема што популарниот Шаби верува дека ќе го кренат квалитетот на одбојката во Македонија.

„Во однос на нашите соседи, може да се каже дека и Албанија полека почнува да не престигнува според квалитетот и ростерот на репрезентација. За жал може да се каже дека ние сме на последно место, ама мислам дека младите ќе не кренат погоре, на едно повисоко ниво.

Одбојкарите изодеа трнлив пат до историскиот пласман на Европското првенство во 2019 година кое се играше во Словенија, а поради долгите патувања низ Европа со автобус, го добија прекарот „Спартанци“.

„Како се вели онаа народна поговорка „Ние тогаш патувавме со магариња, а сега децата патуваат со коњи“. Најважно е дека тие имаат многу подобри услови, ние го направивме тоа што направивме, го изодевме тешкиот пат за другите да не треба да одат по тој пат. Не треба тие да го поминуваат истото што го доживеавме ние, имаат подобри услови буквално за сè.

Во тие моменти, но и сега, на теренот и надвор од него, Дарко Ангеловски е задолжен за кревање на атмосферата. Дури и на долгите патувања, Шаби беше тој кој инсистираше на паузите да се игра фудбал на бензиски пумпи, да се играат карти. Од патешествијата кои ги доживеаја како одбојкарска репрезентација, Шаби вели дека слободно може да се напише не една, туку неколку книги.

„Уф, може секој ден да се пишува. Нема да биде само за патувањата, за нашите патешествија, туку за се околу одбојката и репрезентацијата, како се играло, што се играло… Не да имам идеја да пишувам, тоа нема да биде само едно издание, туку ќе мора да има неколку продолженија, нешто во стилот на „Игрите на тронови“, да се опише секој каков е што е, па да се пишува за нервозите, за среќните моменти, за патешествијата со патувањата. Велат дека пишаниот збор си е пишан збор.

ДРУГАРИТЕ ОД МААЛО МУ ГО „ЗАЛЕПИЈА“ ПРЕКАРОТ 

Речиси и да нема ниту еден навивач кој нема да го погоди од прва Дарко Ангеловски Шаби. Покрај неговите изјави во кои нема влакна на јазикот и на симпатичен начин ги опишува случувањата, на и надвор од репрезентацијата и одбојкарските терени, негов заштитен знак се и мустаќите кои се во стилот на големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Иако се родени на ист ден, Ангеловски вели дека со мустаќите нема никаква симболика.

„Стилот, односно мустаќите немаат симболика со Гоце Делчев, нема да правам револуција (хаха). Брендот си е мој, тоа си е мој мустаќ и не си го менувам за ништо. Заедничко со Гоце Делчев ние тоа што сме родени на ист ден како и Македонија која си ја сакаме со цело срце.

Уште една работа која е карактеристична за либерото на македонската репрезентација е неговиот прекар по кој сите го знаат. Ангеловски прекарот го носи од детството, а му го дадоа другарите од маало со кои играл фудбал.

„Прекарот Шаби ми од мали нозе, кога во маало игравме фудбал. Другарите ме викаа Чави, па Чаби Алонсо, но бидејќи тие имиња беа зафатени, ми „залепија“ Шаби и до ден денес ми остана овој прекар“.

ГО ОСТВАРИ СОНОТ И СТАНА ПОЖАРНИКАР

Тој надвор од спортската кариера, ја исполни и животната желба да стане пожарникар.

„Да беше се како што треба во државава, односно да може да се живее од спорот тогаш ќе беше друга приказна. Вака мора да мислиме и на животот по спортот и за вработување, мене желба ми беше станам пожарникар и ја остварив на 30 декември 2020 година кога конечно се вработив. Сега од поинаков агол ги гледам сите работи, мислам дека сум на вистински пат да бидам она што сум.  Искрено може да се комбинираат и двете професии, спортската и пожарникарската иако полека веќе станува напорно, но љубовта ги руши бариерите, па така е и кај мене. Одам на работа, тренирам одбојка. Сакам да го пренесам моето знаење и поради тоа тренирам, играм“, вели Дарко Ангеловски Шаби.

Иако никогаш во животот не се обложил, Дарко Ангеловски Шаби се согласи да направи хуманитарен тикет надевајќи се дека неговите предлози ќе бидат успешни и ќе донесат радост и насмевки таму каде што се најпотребни.

Еве како изгледа хуманитарниот тикет на Дарко Ангеловски Шаби:

- Оглас -

Најнови вести