Луис Фелипе Сколари беше на клупата на Кариоките во 2002 година која на Мундијалот во Кореја и Јапонија ја освоија четвртата и последна светска титула. Од тогаш бразилскиот стратег се проба и како селектор на Португалија, со која во 2004 беше европски вицепрвак, додека на клупски план не беше толку успешен.
Се врати на клупата на Бразил и во 2013 година го освои Купот на Конфедерации, по што повторно Сколари се врати во клупскиот фудбал пред сè во родната земја, а одреден период работеше и во Кина.
Освои вкупно 24 трофеи на репрезентативно и клупско ниво, меѓу најважните се титулите во Копа Либертадорес со Гремио и Палмеирас, меѓутоа Сколари вели дека ниту еден пехар не му вреди колку желбата да му биде тренер на Лионел Меси.
„Најголем успех во кариерата би ми било да му бидам тренер на Меси. Ништо повеќе не би ме направило среќен, ниту еден трофеј кој сум го освоил во кариерата, од тоа да работам со Лео“, посочи бразилскиот стратег кој последно работеше во Крузеиро.
Оваа желба тешко дека ќе му се оствари, со оглед на тоа дека Роналд Куман го подобри впечатокот на клупата на Каталонците во изминатиот период, а доколку управата на Барселона се одлучи за смена на тренерската позиција, 72-годишниот Сколари дефинитивно нема да биде меѓу кандидатите за наследник на Холанѓанецот.