1.8 C
Skopje
понеделник, 15 декември 2025

Човекот кој ја промени историјата на фудбалот сега живее од минимална пензија и никој не сака да му помогне

Оваа година беше одбележан јубилеј од 30 години од пресудата во случајот на Жан-Марк Босман. Овој не многу познат фудбалер е причина за носењето на најреволуционерното правно решение во историјата на европскиот фудбал кое засекогаш ги промеи правилата за трансфери и статусот на фудбалерите во Европската унија.

Сè започна во 1990 година, кога тогаш 25-годишниот белгиски играч за врска реши да го тужи тимот на Лиеж бидејќи му забрани да потпише за Данкер. Босман сакаше да ја продолжи кариерата во Франција, но неговиот клуб побара отштета од 12 милиони белгиски франци (за денешно време околу 470.000 евра).

Одлуката на Босман да бара судско решение предизвика шок, но токму тоа го смени текот на фудбалот во Европа. Пресудата на Судот на правдата на ЕУ од 1995 година донесе револуционерни промени, така што фудбалерите од Европската Унија повеќе не ја заземаа позицијата „странски играч“ во клубовите на Унијата.

На играчите им беше дадено право слободно да се движат и да работат во која било земја од ЕУ по истекот на нивните договори, а клубовите можеа да формираат тимови со 11-мина играчи од ЕУ, без ограничувања за странски фудбалери.

Оваа одлука, позната како „пресудата Босман“, имаше и долгорочно влијание врз играчите од други европски и африкански земји со договори за пристапување кон ЕУ, придонесувајќи за универзализација на составите на тимовите.

Иако неговиот придонес во европскиот фудбал е непроценлив, Босман сега е речиси невидлив во очите на јавноста. На 61 година тој живее од минимална пензија од социјално осигурување откако тужба ја заврши неговата играчка кариера и го остави финансиски банкротиран.

Неговата пензија ја обезбедува Меѓународната федерација на професионални фудбалери (FIFPro). Неговата кариера заврши во ЦС Висе на крајот од сезоната 1996/97, далеку од медиумското внимание и финансискиот просперитет што им го обезбедија на генерациите фудбалери.

Беше упатен апел до професионалните фудбалери да соберат средства во корист на Босман за да му помогнат да преживее, а само тројца, вклучувајќи го и Шпанецот Хуан Мата, кој во својата кариера играше за Манчестер јунајтед и Валенсија, донираа пари за кампања за собирање средства насочена кон лицето кое ги ослободи своите колеги од систем во кој фудбалерите беа држени како заложници од нивните клубови, дури и по истекот на нивните договори.

- Оглас -

Најнови вести