Помалку од една недела останува до најважниот меч во досегашната историја на македонскиот репрезентативен фудбал. Нашата селекција на 12 ноември ќе гостува кај Грузија, меч по кој ќе се знае дали Македонија или домаќините ќе бидат дел од Европското првенство следната година.
Еден од најзаслужните што Македонија се избори за оваа фантастична шанса да се најде меѓу најдобрите во Европа, секако, е селекторот Игор Ангеловски. Човекот кој пред пет години прифати да седне на клупата на македонската репрезентација и од селекција која освојуваше само по некој бод во квалификациите, сега е само на 90, евентуално120 минути до пласман на првото големо натпреварување.
Ангеловски со задоволство прифати да биде дел од акцијата за составување хуманитарен тикет во Sport Life, иако откри дека не е голем фан на обложувањето.
„Не се обложувам затоа што има многу аспекти и фактори што може да се случат во текот на еден меч и на крајот да влијаат на резултатот. Може да се случи да има пенал, да има црвен картон или некоја екипа да создаде многу шанси и да не погоди, а од една акција противникот да казни. Сепак, кога се работи за хуманитарен тикет, се надевам дека ќе успеам да направам добитна комбинација“, расположено коментира Ангеловски.
ТАКТИЧКОТО НАДМУДРУВАЊЕ ПРЕОВЛАДУВА ВО СЕРИЈА А, ВО АНГЛИЈА Е НАЈДИНАМИЧНО
Манчестер јунајтед е омилениот клуб на Ангеловски, а главна причина за тоа е токму еден од најголемите тренери во историјата на фудбалот, Сер Алекс Фергусон.
„Навивач сум на Манчестер јунајтед. Го почитувам овој клуб од времето кога на клупата беше Фергусон. Убаво беше да се гледа како успева толку години да го води тимот на врвно ниво и да освојува трофеи“, открива селекторот, кој додава дека сака да гледа мечеви од Топ 5 лигите, а секое првенство си има посебен шарм.
„Ги следам мечевите од Топ 5 лигите. Секое првенство си има посебен шарм. Италијанската Серија А ја гледам затоа што таму има најмногу тактичко надмудрување на теренот. Според квалитетот на фудбалерите и динамиката на теренот, заостануваат во однос на најдобрите, но сепак е убав за гледање. Во Серија А работат многу добри тренери и од мој стручен аспект е добро за гледање. Затоа и кога некоја италијанска екипа по квалитет заостанува зад ривалот, со добра тактика може да парира. Кога се работи за динамиката и интензитетот на играта, тука предничи Премиер лигата, а секако тука се и шпанското и германското првенство. За Баерн Минхен знаев дека ќе биде европски првак. Тоа е најдобриот тим во моментов“, вели Ангеловски.
ПОРАКА ЗА СИТЕ: СЕКОГАШ НАВИВАЈТЕ ЗА МАКЕДОНИЈА!
Популарниот Мрме е познат по тоа дека секогаш искрено се радува и на успесите во останатите спортови, па не ретко знае јавно да честита без разлика дали се работи за ракометен, кошаркарски, одбојкарски или некој друг успех.
„Се радувам на секој успех на која било македонска екипа, репрезентација или поединец. Спортот, културата, музиката се вистински амбасадори во светски рамки и убаво е кога ќе се слушне дека некој Македонец успеал на врвно ниво. Ако ме прашувате за прогноза за дуелот Грузија – Македонија, ќе ви дадам само една порака. Секогаш навивајте за Македонија!“, заврши Ангеловски.