Човекот што на Македонија ѝ донесе сребрен олимписки медал, понижен од ваучерот од АМС

Теквондистот Дејан Георгиевски, кој лани ја израдува македонската спортска јавност со освојување на сребрен медал на Летните олимписки игри во Токио, што е најголем олимписки успех во историјата на македонскиот спорт од осамостојувањето наваму, преку социјалните мрежи изрази разочараност од ваучерот што го доби од Агецијата за млади и спорт и смета дека третманот не е соодветен при доделувањето на средствата.

„Почитувани драги пријатели,

Фала му на Господ, тренирам како никогаш досега, живеам за моментот кога повторно ќе ја израдувам Македонија, роднините, пријателите, целиот народ! Тренерите, клубските другари, сите сме фокусирани на Париз, ние сме одлучни, Господ ќе реши.

Овојпат сакам да им се обратам токму на мојот народ, на новинарите, на сите оние кои се радуваа заедно со мене кога стигнавме до историскиот сребрен медал, се обраќам до сите оние кои конечно по долгиот олимписки мрак видоа светлина за македонскиот олимписки спорт, до сите што се почуствуваа горди и исполнети, до сите оние кои кога го видоа македонското знаме на олимпискиот трон се почуствуваа македонски!

Очекувано бев прогласен за најдобар спортист во 2021 година, но ни малку не очекувано денес дознав дека спортските ваучери кои ги доделува АМС, т.е. вчерашната одлука за ваучери се надевам несвесно цели да го понижи мојот, НАШИОТ олимписки успех, мојот олимписки сребрен медал, прв во историјата на независна Македонија.

Никогаш нема да си дозволам да нападнам чиј било спортски успех, најпрво затоа што така ме воспитале моите тренери, а потоа затоа што многу добро знам што значи спортскиот витешки мегдан, без разлика за кој спорт станува збор.

Но, никако не можам да раберам како кој било друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од мојот успех, никој здраворазумен во нашата држава нема да најде здрава логика во ова што беше направено вчера од страна на Комисијата за доделување ваучери при АМС. Срамно!

Не сакам ни да помислам дека станува збор за намерно и свесно напаѓање на сребрениот олимписки медал, уште помалку не сакам да помислам дека во сето ова е вмешана политика или нешто слично.

Само сакам уште денеска оваа неправда да биде решена, ова го барам исклучително од принципиелни причини, барам за да го одбранам со крв донесениот историски сребрен медал од Токио, барам јас, Дејан Георгиевски, олимпискиот сребрен медалист, но сакам заедно со мене да побарате и СИТЕ ВИЕ затоа што овој успех, овој олимписки медал, овој остварен олимписки сон ни припаѓа на СИТЕ НАМ и никој, апсолутно никој нема право да фрли сенка на него.

Од принцип сега-засега не сакам да навлезам и да ѝ посочам на јавноста низ какви премрежија од институциите поминував пред да го освојам олимпискиот медал, веројатно ќе дојде момент и за тоа.

Почитувани, никогаш парите не ми биле мотив, мотивот ми е Македонија! Одиме во Париз, одиме по ЗЛАТО!“, порачува Георгиевски.

Освен Дејан, и многу други спортисти и спортски организации се чудат на критериумите според кои се доделуваат средства од државата. Иако Дејан беше спортист на годината, има други спортисти кои ќе земат побогати ваучери од него или со иста сума, а не направиле поголем успех во 2021.

Листа на ваучери за националните федерации

Листа на ваучери за спортските клубови

Листа на ваучери за спортисти

- Оглас -

Најнови вести