Ветеранот Андре Игудала од Мајами хит, има прилика да ја продолжи својата феноменална серија на пласмани во големите финалиња на НБА лигата. Игудала во претходните пет сезони играше во големото финале како член на Голден Стејт вориорс, во 2015 година кога Воините ја освоија титулата беше и МВП, а ако успее сега и во дресот на Жешките, ќе му се доближи на рекордот кој го држи славниот Бил Расел од десет финалиња по ред.
Ако Мајами го победи Бостон, и се најде во големото финале, 36-годишниот Игудала би имал серија од шест финалиња едноподруго, и би бил втор од активните на кои им успеало тоа, после Леброн Џејмс. Леброн кој сега игра за ЛА Лејкерс, имаше 8 финалиња по ред од 2011 до 2018 година како играч на Мајами и Кливленд. Лани серијата му беше прекината, а годинава повторно е блиску до место во финалето.
Мајами е четвртиот тим за кој игра Игудала во последните десет сезони, а човекот кој има 13 плејоф сезони во кариерата, со искуството може многу да им помогне. Шест финалиња по ред имал Том Сандерс, а и сите освен Леброн Џејмс, од рекордерот Расел кој има 10, до Сандерс, се од времето (50-тите и 60-тите години на минатиот век) кога Селтикс доминираше во НБА.
Игудала го нема во понудата за обложување, но тука се сите играчи кои го одбележаа досегашниот тек на серијата од источното финале во кое Мајами води со 3-1, и му треба само уште една победа за големо финале. Мајами досега 11 пати водел со 3-1 во некоја плејоф серија, и секогаш победувал со 4-1 или 4-2, што значи дека според традицијата, работата ќе ја заврши или вечерва или на следиот меч.