Од кошаркарскиот клуб Црвена ѕвезда најавија дека ќе бараат итно отворање на истрагата по повод смртта на кошаркарот Мајкл Оџо, кој почина тренирајќи во сала на стадионот на Партизан во Белград. Првиот човек на КК Ѕвезда, Небојша Човиќ, смета дека некој се обидува да го заташка случајот, а рече и дека Оџо, кој во минатата сезона играше за Црвено-белите, постојано бил врбуван.
„На Оџо договорот со нас му истече на 30 јуни. Додека беше во Ѕвезда, имаше комплетен медицински сервис, со цела генеза. Кога имате договор со некого, мора да водите сметка и за неговите здравствени карактеристики. Тој имаше силен удар од короната, со запаление на белите дробови. Последниот преглед го имаше на 5 август, откако го прележа корона-вирусот. Но, не е доволно само да бидете негативни, короната предизвикува и други пропратни појави. Морало да се води сметка за оптоварувањето. Кога излегол од болница, му советувале умерена физичка активност, да престане со тренинг кога ќе почувствува замор“, раскажува Човиќ.
На Човиќ му е сомнително зошто не се кажува во која сала починал Оџо и кои биле сведоците кои биле присутни таму.
„Зошто нешто треба да биде анонимно во овој случај? Зошто не кажуваат кои се тие присутни кои биле таму со него. Оџо од март беше постојано врбуван, па затоа и брзаа да го вратат во форма, па се случи ова. Ова е голема несреќа, не смее да се крие ништо. Тие што кријат, имаат немирна совест. Зошто наместо да одмора, тој тренирал, и тоа во неадекватни услови“, додава Човиќ.
Обдукцијата ќе биде направена утре.