Реал Мадрид како гостин ја совлада Севилја со 1-0, и тоа значи дека Зинедин Зидан сигурно останува тренер на Кралскиот клуб барем до среда вечер и „финалето“ против Борусија Менхенгладбах на кое тимот има задача да се пласира во осминафиналето од Лигата на шампионите, а тоа е можно со победа, можеби и со реми, никако со пораз.
После серијата киксеви и направени пет пенали во три кола во лигата, Реал денеска заигра посериозно и ги освои трите бода на едно тешко гостување. Интересно е што актуелниот шпански првак сезонава успеа да ги добие трите најтешки гостувања барем на хартија, со Барселона, Интер и Севилја, а дома се посрамоти и губеше „лесни“ мечеви против Кадис, Шахтар и Алавес.
Не дека Кралевите блескаат кога победуваат, но привремено си купија мир и деновиве нема да трпат критики, особено нивниот тренер Зидан. Сепак, фановите се навикнаа на „топло-ладно“, па џабе ќе биде победата кај Севилја ако се случи кикс во ЛШ. Ако Реал загуби од Борусија, голема е веројатноста на дербито со Атлетико Мадрид екипата да ја води некој друг тренер, а не Зидан. Но, ако Реал се најде меѓу 16-те најдобри во Европа, Зидан веројатно останува на клупата до крајот на сезонава.