Пари Сен Жермен граби кон нова титула во француското првенство откако викендов без проблеми со убедливи 5:0 го победи Монпелје. Иако ПСЖ даде пет гола, во центарот на вниманието беше судијата Брисард, кој во 38-мата минута му даде жолт картон на Нејмар.
Бразилецот жестоко реагираше поради добиената јавна опомена бидејќи не му беше јасно зошто е казнет со жолт картон. Арбитерот не сакаше да му објасни на Нејмар зошто е „пожолтен“, но затоа мораше да објасни во записникот. Судијата во извештајот објаснил дека му доделил жолт картон на Нејмар затоа што Бразилецот многу ги дрибла противниците. Според Брисард, Нејмар на тој начин не покажувал почит кон противниците.
Жолтиот картон го доби по еден фантастичен потег кај корнер-знаменцето, кога со еден дриблинг успеа да се ослободи од двајца противнички играчи. Во текот на мечот, Нејмар добиваше и удари по грбот од противниците кои едноставно беа исфрустрирани од потезите на еден од најдобрите играчи на денешницата.