6.8 C
Skopje
петок, 30 јануари 2026

Чудесниот Купер Флег го урна рекордот за најмногу поени на тинејџер во НБА-лигата (Видео)

Кошаркарите на Далас маверикс беа поразени на свој терен од Шарлот хорнетс со резултат 121-123, по неверојатната партија на првиот пик од минатогодишниот НБА-драфт, Купер Флег.

Флег, кој во декември наполни 19 години, постигна дури 49 поени и со тоа постави нов НБА-рекорд по број на поени на еден натпревар за тинејџер. Досегашниот рекорд го држеше Клиф Робинсон, кој на 9 март 1980 година постигна 45 поени за Њу Џерси против Детроит.

Покрај поените, Флег запиша и лични рекорди со 20 погодени шута од 29 обиди, како и 10 скока, но тоа на крајот не беше доволно за победа на Далас.

Клучниот момент на мечот се случи седум секунди пред крајот, при резултат 121-121, кога Кнупел пресече лошо додавање на Флег близу центарот, тргна кон кошот и изнуди фаул токму од него.

Топката во таа ситуација се заглави меѓу обрачот и таблата, а Кнупел потоа беше сигурен од линијата за слободни фрлања. Флег во последниот напад имаше шут за продолжение, но топката го погоди задниот дел од обрачот.

На другата страна, Кон Кнупел постигна дури осум тројки, со што постави рекорд на франшизата на Хорнетс за еден „руки“, а натпреварот го заврши со 34 поени.

Шарлот со оваа победа стигна до петтиот последовен триумф, што им е најдолга победничка серија уште од февруари 2023 година.

Брендон Милер додаде 23 поени, негов деветти меч по ред со најмалку 20 поени, додека Ламело Бол запиша 22 поени, погодувајќи шест тројки.

Ова беше прв НБА-дуел меѓу Кнупел и Флег, кои во сезоната 2024/25 настапуваа заедно како студенти на Универзитетот Дјук.

Резултати: Филаделфија – Сакраменто 113-111, Вашингтон – Милвоки 109-99, Атланта – Хјустон 86-104, Чикаго – Мајами 113-116, Далас – Шарлот 121-123, Денвер – Бруклин 107-103, Феникс – Детроит 114-96, Минесота – Оклахома 123-111.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести