Чудесниот тим на Сент Луис – Од последно место во јануари до прагот на титула во јуни

Сент Луис е на прагот со историска титула да ја круниса историската авантура во иста сезона во НХЛ и од последното место на кое се наоѓаше во јануари во Западната конференција од НХЛ, да стигне до пехарот во јуни.

Блус ноќеска славеа во Бостон против Бруинс со 2:1, водат со 3:2 во победи во големото финале и на 10 јуни во понеделник пред своја публика ќе ја имаат првата меч-топка за престижниот пехар во Стенли купот.

Рајан О` Рејли со гол на почетокот на вториот период и Давид Перон со погодок во средината на последната третина му донесоа на најуспешниот гостински тим во плејофот уште една победа, деветта на 12 меча што ги одиграа на гостински терен во доигрувањето.

Голманот Џордан Бинингтон веќе се запиша во историјата на НХЛ како прв голман дебитант што во првиот плејоф во кариерата забележал најмногу победи на гостински терен, вкупно 9. И тоа го стори во голем стил, со импресивни 38 одбрани. Само Џејкс де Бруск успеа да го совлада ноќеска и да намали за Бостон на 1:2, но победата е за чудесниот тим на Сент Луис.

Во март годинава станаа само седмиот состав во историјата на НХЛ што по први јануари бил на последното место во својата конференција, а стигнал до плејоф, па сега можат со победа во понеделник да бидат и шампиони, во четвртото финале во клупската историја. Досега немаат шампионска круна, а интересно е што на домашен терен имаат послаб биланс 6-6, отколку како гости 9-3.

- Оглас -

Најнови вести