Навивачите на Пари Сен Жермен можат да најдат надеж во една необична статистика која се провлекува низ последните 11 финалиња во Лигата на шампионите. Според неа, токму Светците би требало да го подигнат трофејот вечерва на „Алијанц Арена“ во Минхен, каде што ќе се соочат со Интер.
Не станува збор за познатиот факт дека сите финалиња одиграни во Минхен досега завршувале со победа на клуб кој првпат го освојува трофејот, што би одговарало на ПСЖ, кој сè уште нема титула во најпрестижното клупско натпреварување. За разлика од нив, Интер има три титули – од 1964, 1965 и 2010 година.

Она што го привлече вниманието на фановите е објава од официјалните профили на Лигата на шампионите, која посочува дека последните 11 финалиња се освоени од тимот кој бил означен како „симболичен домаќин“. Таа серија започнува од финалето во 2014 година, кога Реал Мадрид ја освои својата „десетка“, и трае до ланската победа над Борусија Дортмунд.
Статусот на домаќин во финале што се игра на неутрален терен нема никакво спортско значење, но оваа низа на триумфи е вистински куриозитет. Интересно е што токму ПСЖ и Интер беа дел од оваа негативна традиција, откако загубија како „гости“ – парижаните во 2020 од Баерн Минхен, а Нераѕурите лани од Манчестер сити.
Последниот пат кога тим со статус на „гостин“ го освоил финалето беше во 2013 година, кога Баерн Минхен со гол во финишот од Арјен Робен ја совлада Борусија Дортмунд со 2-1.