Карим Онисиво имаше незгоден воздушен дуел во првото полувреме со Ибрахима Конате од Лајпциг, но продолжи да игра, дури и постигна гол, а потоа му исчезна меморијата и не се сеќава ниту на голот, ниту на мечот меѓу неговиот Мајнц и Лајпциг.
Дуелот од Бундеслигата се играше вчера, Онисиво постигна гол во 43. минута, со кој Мајнц намали на 1:2, но потоа се случи чудо.
На патот кон соблекувалната во разговор со соиграчите Онисиво немал поим каде се наоѓа и дека тој е стрелец на првиот гол за Мајнц на мечот со Лајпциг што заврши нерешено, 3:3.
Веднаш бил алармиран медицинскиот тим на Мајнц, а Онисиво беше заменет веднаш на стартот од второто полувреме. Ударот со глави со Конате беше многу незгоден и очигледно има последици за играчот на Мајнц, кој сепак не е посериозно повреден.