Во првото коло на Светското првенство во снукер се случи едно од најголемите изненадувања во историјата на овој спорт. Џејмс Кејхил, кој е првиот аматер што стигнал да учествува на СП, со 10-8 во фрејмови го совлада лидерот на светската ранг листа и веројатно најдобар играч на сите времиња според неколку параметри, Рони О`Саливен.
По првата сесија, аутсајдерот водеше со 5-4, се виде дека петктратниот светски првак не е во форма, но денеска беше нов ден и шанса за рехабилитација. Но, Кејхил покажа дека не случајно е на СП меѓу 32-цата најдобри, поведе со 8-5 во партии и дури тогаш О`Саливен покажа нешто од својот репертоар. Изедначи на 8-8, но потоа повторно Кејхил доби две партии и го елиминираше Рони, кој од 2003 година наваму немаше испаднато во првата рунда на шампионатот кој традиционално се одржува во „Крусибл театарот“.