Атаналта е клубот кој ја одбележува оваа чудна сезона во Топ 5 лигите. Тимот од Бергамо уште лани најави дека е подготвен за достигнувања кои одамна не се видени, а сезонава продолжува да „гази“.
Во првата сезона како дел од Лигата на шампиони, Аталанта стигна до четвртфиналето и на 12 август го чека дуелот против Пари Сен Жермен. Освен во елитната лига на УЕФА, Аталанта воодушевува и во домашното првенство. Тимот е веднаш зад лидерот Јувентус, а пред неколку дена покажа дека и против Старата дама може рамноправно да се носи, откако во Торино на два пати водеше, но Јувентус се спаси од пенал и тоа со два гола од пенал на Кристијано Роналдо.
Последниот блесок Аталанта го имаше синоќа. На свој терен играше против Бреша, а победата беше очекувана. Сепак, тоа што посебно пленеше е офанзивната игра на домаќините. По само 30 минути игра, Аталанта водеше со 4:1, потврдувајќи дека има незапирлив напад.
На крајот Аталанта победи со 6:2, а беа поставени неколку рекорди. По 33 одиграни мечеви, Аталанта има дадено вкупно 93 погодоци, најмногу од било кој клуб во Серија А во последниве 69 години. По 33 одиграни меча, повеќе голови во историјата на Серија А имале постигнато само Торино (105 гола во сезоната 1947/48), Милан (103 гола во сезоната 1949/50) и Милан (101 гол во сезоната 1950/51).
Во последниве 60 години, рекордот на дадени голови во една сезона во Серија А го држи Наполи. Тимот од југот на Италија во сезоната 2016/17 заврши со 94 голови, што значи дека Аталанта во последните пет кола треба да постигне само уште два погодоци за да го надмине овој рекорд на Наполи.
Освен рекордите во Италија, Аталанта руши граници и во Топ 5 лигите. Тоа е единствен тим во петте најсилни лиги во Европа што сезона успеал на четири различни меча во првенството да даде барем по шест голови.